OТРОВЕН ВОЗДУХ – СКОПЈЕ НАЈЗАГАДЕНО ВО СВЕТОТ

Делхи во Индија, Дака во Бангладеш, Лахор во Пакистан и косовска Приштина, го загубија приматот. Ноќеска во еден часот, Скопје се најде на првото место меѓу градовите со најголемо аерозагадување во светот.

Индексот на загадување во Скопје, според мерењата на „Ер вижуал“, во еден часот по полноќ, бил 430, а произлегува од податоците на „Ер вижуал“ од повеќе мерни станици во Скопје, каде се измерени ПМ10 честички и на над 700 микрограми на метар кубен.

Овие податоци го доведоа македонскиот главен град на врвот на листата на најзагадени градови во светот. Скопјани велат дека непланското градење, но и тешката сиромаштија, која ги приморува луѓето да горат се и сешто за да се згреат, доведе до степен воздухот во Скопје да биде смртоносен.

Проблемот со загадувањето во земјава станува вирален, па така на социјалните мрежи се поостри се реакциите и на граѓаните и на здруженијата за заштита на животната средина.

„Она што не ви успеа во ниту една друга сфера, во ниту еден друг сегмент на живеењето во 21 век, ви успеа вчера: направивте Скопје да е лидер, да остави зад себе 4.415 градови и биде НАЈЗАГАДЕНИОТ ГРАД НА СВЕТОТ. Фактичката состоја е дека немате ниту сериозна волја, ниту сериозен капацитет за да се справите со оваа опасност по живот и здравје и со оваа брука што и ја наметнувате на својата држава и нејзиниот главен град. И затоа треба да си поднесете оставки и да не глумите загриженост!“ – велат од „О2 Иницијатива“

Високата концентрација на ПМ 10 честичките и денеска е потврдена на повеќе мерни станици и во главниот град, но и во Тетово, Гостивар, Куманово, Струмица и во Битола, која утринава беше на прво место по загаденост на европскиот континент. Иако се апелира да се прогласи алармантна состојба и да се активираат итните мерки во момент кога среднодневната концентрација на ПМ10 честичките во два последователни дена надмине 200 микрограми, властите засега излегуваат само со млаки препораки.

Да се избегнува користењето на возила, а ако се користат возила, повеќе лица да се организираат да се возат во едно возило, да се избегнува седење на отворено, да не се горат штетни материјали, да се чистат оџаците.


Skopje ID
[fbcomments]
Translate »