Разбиваме митови – вистината зад броевите на дното од пакувањето на млекото


Последниве години во медиумите и на социјалните мрежи сретнувавме различни информации за тоа што значат броевите на дното од пакувањето на млекото.

27650781_10212645781114050_548252656_o

Пласираните информации, првенствено низ светските медиуми, и тоа претежно оние кои се ориентирани кон теми поврзани со здравата исхрана, се однесуваа на тоа дека овие бројки, всушност, значат колку пати е преработено млекото, што предизвика низа сомневања и кај македонската публика.

Информацијата отиде дотаму што се пишуваше дека според законските прописи, млекото на кое ќе му истече рокот, доколку се врати на пастеризација на 190˚С, може потоа повторно да се консумира. Медиумите се осврнуваа на некои законски нормативи дека тоа може да се прави 5 пати, па тука ја најдоа причината зошто на дното на некои амбалажи има броеви од 1 до 5, во смисла дека 1 е со најдобар квалитет, додека 5 значи дека на млекото 5 пати му истекол рокот и е 5 пати преработено.

Сепак, фактите говорат дека овие информации не се точни. Имено, со цел да добиеме точни и прецизни информации за значењето на овие броеви, одговор побаравме од неколку релевантни компании кои најдобро би знаеле да го разбијат овој мит.

Имено, од „Битолска млекара“ велат дека во Македонија воопшто и не постои линија за стерилизација (пастеризација) на 190 степени.

„Во млекарската индустрија не постои технологија со која еднаш стерилизирано млеко може повторно да оди на температура на стерилизација, без притоа да се случат биохемиски процеси кои крајно и видливо ќе го нарушат составот на млекото, односно ќе го направат неупотребливо за исхрана. Имено, стерилизацијата е термички процес кој еднократно се применува во млекарската индустрија со цел да се добие производ со добар микробиолошки квалитет и максимален рок на траење од 6 месеци. На дното на нашите амбалажи броевите коишто се испишани се технички информации на производителот на амбалажата, а втиснатите броеви означуваат со која полнилка на машината е наполнет соодветниот производ. Овие бројки се многу важни за нашиот систем на следливост, односно во случај на добивање одредена рекламација за производите, поефикасно да се дојде до коренот на евентуалниот проблем со полнилката“, вели Радмила Чобанова-Василевска, директор за контрола на квалитетот во „Битолска млекара“.

На истава тема се обративме и во млекарницата „Здравје Радово“, со цел да ја утврдиме релевантноста на информацијата.

Според Сашо Василевски, технички директор во млекарницата „Здравје Радово“, темата стана актуелна последниве години. Станува збор за класична дезинформација. За појаснување, млекото во својот состав содржи протеини, јаглени хидрати (шеќери), масти, витамини, минерали и вода. Самиот состав на млекото не дозволува повеќекратни термички третмани. Доколку млекото термички се третира повеќе пати, млечниот шеќер (лактозата) ќе карамелизира, што би резултирало со промена на бојата и вкусот на млекото. Протеините ќе денатурираат, односно нивното разложување ќе го блокира процесот на стерилизација со што производот станува неупотреблив за исхрана. Клучното прашање што се наметнува е во значењето на бројките на дното од амбалажата. Производителот на амбалажата и производителот на машината за пакување ги користат овие бројки како ознаки за следење на производниот процес. Почитувајќи ги стандардите за квалитет и безбедност, следливоста е наша задолжителна обврска. Целта е да имаме можност да го следиме квалитетот на секој наш одделен производ во секое време.

Со цел да ги потврдиме информациите добиени од двете најголеми млекарници во земјава, се обративме и до производителите на амбалажи, кои истовремено се и нивни добавувачи, „SIG Combibloc“ и „Тетра Пак“.

Од „SIG Combibloc“ велат дека броевите поставени на дното на секое пакување се технички информации релевантни за нив како добавувач на материјали за пакување и се користат за внатрешна контрола на квалитетот и за следење.

„Оваа информација е референца единствено за материјалот на пакувањето и не е релевантна за ниту еден производ кој се наоѓа во амбалажата. ‚SIG Combibloc‛ има воспоставен систем за идентификување на серијата на производите, со цел да може да се следат суровите материјали од преработка до дистрибуција“, изјави Масимо Анаратоне, извршен директор на „SIG Combibloc“, Италија – директор на продажба за Југоисточна Европа.

Илустративно, нивното објаснување изгледа вака:27652774_10212645780154026_1782724745_o


Skopje ID
[fbcomments]