Од четврток до сабота, во Прилеп ќе се одржи 7-от Меѓународен џез фестивал


Прилеп по седми пат ќе биде домаќин на Меѓународниот џез фестивал, кој од четврток 30 август, до сабота 1 септември, ќе се одржи на летната сцена во центарот за култура „Марко Цепенков“.

27.08jazz

На денешната прес конференција, градоначалникот Илија Јованоски ги покани љубителите на џез музиката да ги проследат настапите на познатите имиња од домашната и странска џез сцена.

„Во изминатите шест години, на фестивалот настапиле многу познати музички имиња од џез музиката. Оваа година имаме европски и македонски џез музичари, како и уметници од Германија, Франција, Италија, Србија, Грција, Кина и секако македонските џез уметници. Како и секоја година, фестивалот ќе се одржи на летната сцена од центарот за култура ‘Марко Цепенков’. Во оваа прилика сакам да ги поканам сите граѓани на Прилеп и Република Македонија, како и сите љубители на џез музиката, да го проследат фестивалот и да уживаат во прекрасната музика“, изјави градоначалникот Јованоски.

Советникот за култура во Општина Прилеп, Снежана Ристеска, рече дека сите досегашни учесници во изминатите 6 фестивалски изданија, оставиле свој белег во креирањето на историјата на прилепскиот џез фестивал.

„Целта на овој фестивал е промоција и популаризација на џезот и на уметноста на импровизирана музика во Македонија. Во изминатите 6 години низ фестивалот поминаа доста музички имиња од повеќе земји од Европа и од нашата држава, кои што оставија значаен белег во креирањето на фестивалската историја која ја испишуваме и кои извршија силно влијание врз домашната џез публика. Истовремено, со сето ова придонесуваме кон еден поинаков и урбан Прилеп и кон заложбите да се следат вистинските вредности и културни содржини“, истакна Ристеска.

Годинава фестивалот нуди интересна програма, која е комбинација на медитеранскиот, врвен балкански џез и македонски џез. Според очекувањата оваа програма ќе ја дигне на нозе публиката.

На отворањето на прилепскиот џез фестивал, во четврток 30 август, на камерната сцена од ЦК „Марко Цепенков“ ќе настапи „Кеко Форнарели Трио“ од Италија, а првата фестивалска вечер ќе продолжи на летната сцена од центарот за култура, со настапот на скопската група „Фиарс“ и на извонредниот македонски џез музичар, Владимир Четкар.

Во петок 31 август, публиката ќе може да ужива во настапите на Јордан Костов и „Шангај Интенс“, на „Палете Ансамблот“, односно „Сократис Воцкос Квартет“, а вечерта ќе ја затвори бендот на Васил Хаџиманов.

Последниот фестивалски ден е резервиран за Јаков Дренковски, французите „Ле Бал Пури“ и српската група „Деца Лоших Музичара“.

Истовремено, фестивалот ја задржува традицијата да нуди и “оф“ програма, која ќе се одржи утре, вторник 28 август, среда 29 август и во недела. 2 септември, во кафетериите „Сидро“, „Џез клуб Тејк фајв“ и во „Резиденс“ во село Плетвар. Во тие рамки, љубителите на џезот ќе можат да ги проследат настапите на Дамир Имери Квартет“, „Флинстоунс Џез Трио“ и „Летечки Пекинезери“.

Меѓународниот џез фестивал во Прилеп за прв пат се одржа во 2012 година и оттогаш, со својот квалитет го сврте вниманието на љубителите на џезот од поширокиот регион.


Skopje ID
[fbcomments]