На новиот аеродром во Истанбул дневно ќе полетуваат и слетуваат 2 илјади авиони


За изградбата на првата фаза на аеродромот во Истанбул кој вчера беше свечено отворен, само досега биле ангажирани 10 илјади работници, а инвестирани се 6 милијарди евра.

1AXIw-aerodrom2

Се очекува новиот аеродром кој ќе се простира на вкупна површина од 76,5 милиони метри квадратни, да создаде можност за 200 илјади нови работни места до 2025 година и со тоа да даде голем придонес на домашната економија.

Се работи за трет аеродром на турската метропола кој по својата површина, бројот на дестинации и годишниот капацитет на патници ќе биде најголем аеродром во светот кој зад себе ќе ги остави лондонскиот Хитроу, парискиот Шарл де Гол, аеродромите на Дубаи, Атланта, Амстердам и Пекинг. Тендерот за изградба на аеродромот во висина од 26 милијарди 140 милиони евра во 2013 г. го доби претпријатието ИГА (Истанбул Гранд Аирпорт) формирано од страна на конзорциумот Лимак – Колин – Џенгиз – Мапа – Калјон.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган во обраќањето на самото отворање го откри новото име на аеродромот кое долго време беше тема на полемики и интересирање во турската јавност. И покрај отворањето на новиот аеродром кој ќе се вика „Истанбул“, сегашниот аеродром „Ататурк“ ќе продолжи да функционира со тоа што во неговата околина ќе се изгради голем народен парк и конгресен простор, истакна Ердоган. На крајот од својот говор турскиот претседател упати пораки за мир и соработка до земјите од регионот и светот. На отворањето на аеродромот кое се совпаѓа со празнувањето на 95−годишнината од основањето на Републиката присуствуваа околу 2000 гости меѓу кои највисоки државни претставници, претседатели на држави и премиери од светот и регионот како и домашни и странски бизнисмени, уметници и спортисти. Меѓу државниците се наоѓаа претседателите на Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Азербејџан, Киргистан, Судан, Пакистан и др.

Отворањето се случи по заокружување на првата фаза од аеродромот во рекордни 4 години, а откако ќе бидат завршени сите четири фази аеродромот ќе има годишен капацитет од 200 милиони патници и 500 авиони, отворен и покриен автопарк за 70 илјади возила и 6 независни писти. Како што истакна Ердоган, аеродромот ќе продолжи да се развива наредните десет години и ќе биде завршен 2028 година. На секоја писта ќе полетуваат и слетуваат 19 авиони на час меѓу кои ќе можат да слетуваат и најголемите авиони во светот „Ербас А380“ и „Боинг 737−800“. Кога ќе бидат завршени останатите етапи од аеродромот дневно ќе полетуваат и слетуваат 2 илјади авиони на 50 внатрешни и 250 надворешни линии. Аеродромот ќе дава услуги на 250 авиокомпании.

Аеродромот е импозантен и по својот архитектонски изглед, со терминалот чија височина од подот до покривот изнесува 28 метра, но исто така и со најврвната технологија со која е опремен. Во неговата инфраструктура се употребени 1 700 километри фибер и 4 500 километри бакарен кабел, безбедноста на аеродромот ќе се одржува со 9 илјади камери и 3 500 службени лица, ќе има 228 шалтера за пасошка контрола, капацитет од примање на повеќе од 10 илјади парчиња багаж на час и во него ќе се наоѓа и најголемиот фри-шоп на светот во кој се вложени 120 милиони евра. Во неговата изградба претежно се употребени материјали од домашно производство со што се става акцент на домашната економија.

Досегашните два аеродрома на Истанбул „Ататурк“ и „Сабиха Ѓокчен“ од кој едниот во европскиот, а другиот во азискиот дел не беа доволни за да ги задоволат потребите на авиосообраќајот кон и од метрополата. Со отворањето на новиот аеродром се очекува Истанбул да ја зајакне својата позиција на Истанбул како туристички и транзитен центар за бројни дестинации во цветот.


Skopje ID
[fbcomments]