Наместо во кафулиња, на after-work на Водно


„Почни со Водно“ кое веќе втора година се организира и се спроведува доста успешно е повик за дружба и разладување, за движење во природа, за рекреација и здрав живот на скопјани на падините на Водно, надвор од градските улици, кафеани и вообичаената урбана шема.

1-1
Мотото „Почни со Водно“, на социјалните мрежи и меѓу помладата популација изминатата и оваа сезона стана препознатлив синоним за вечерните планинарско-рекреативни дружби кои секој четврток, во попладневните часови, во организација на скопското планинарско друштво I Love Hiking–Guardians of Nature (Го сакам планинарењето- Заштитници на природата) се одржуваат на Водно.

2-1

Пролетта минатата година група планинари ентузијасти и членови на најмладото планинарско друштво во Скопје решија да ја реализираат својата идеја што поголем број на жители на Скопје да ги мотивираат да им се приклучат во планинарењето и да им ги откријат убавините на планините, спортувањето, дружењето во природата на сите оние кои посакале да планинарат, но досега не се охрабриле да го направат првиот чекор.
Оваа година на иницијативата ПочниСоВодно се приклучија и велосипедисти. Двете најголеми велосипедски друштва Macedonian Bike Riders и Друштво Неозбилни Велосипедисти.

3-1

Велат, нема подобар почеток, од искачувањето на врвот на Водно (1.067 мнв), кое е добар двоиполчасовен тренинг за сите сегашни и идни планинари и велосипедисти, за постигнување и одржување на кондицијата. Потребни се спортски обувки, облека, доволно вода во ранецот, како и челни ламби за планинарите, кацига, предно и задно светло за велосипедистите, кои ќе овозможат непречено движење низ планината во свежината на ноќните часови. За безбедно движење низ природата се грижат водичите на друштвата.
Организаторите досега се задоволни со одзивот, бидејќи на некои од редовните вечерни четврточни дружења на Водно просечно учествуваат од 150-600 љубители на природата, главно млади луѓе и се надеваат дека ваквите, планинарски after-work забави ќе ги посетуваат се поголем број на Скопјани, на кои им е неопходно да излезат од градската средина, на чист воздух и подалеку од вжештениот асфалт.

15-1-1
На 6ти септември повторно продолжуваме, овој пат хуманитарно, да помогнеме на тие што им е најпотребно. И на 13ти септември успешно ќе ја затвориме оваа сезона „Почни со Водно“ и ќе ветиме малку поинаква дружба за наредната година, велат од I Love Hiking.


Skopje ID
[fbcomments]