Млади таленти се претставија на Саемот за иновации „Skopje Mini Maker Faire“

Голем број млади и креативни луѓе кои изработиле одреден производ што е уникатен и единствен се претставија на Саемот за иновации „Skopje Mini Maker Faire“, што денеска се одржува на платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

– Присутните имаа можност да видат паметна клупа која работи на сончева енергија, на која можат да седат и да го полнат својот мобилен телефон. Прикажани беа и повеќе роботи, 3Д принтер, машини за пренесување енергија, производи подготвени од млади иноватори, соопштија од Општина Карпош.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев наведе дека денешниот Саем обединил голем број креативци, иноватори, изработувачи на ракотворби на едно место.

– Се радувам што гледам голем број млади умови со кои ние како држава можеме да се гордееме, но и постојано да ги поддржуваме и мотивираме. Живееме во период кога идеите, претприемништвото ииновациите се главни двигатели на сите процеси, но и можност за поголема заработка и ангажирање на младите луѓе на пазарот на трудот. Горд сум што Карпош е домаќин на еден ваков настан, рече Богоев.

Заменик-амбасадорката на САД во нашата држава, Лора Браун, посочи дека „Skopje Mini Maker Faire“ претставува одлична можност да се презентираат идеите на најмладите.

– Овие настани дополнително придонесуваат за развивање на различните вештини кај младата популација и промоција на нивните идеи или бизници, наведе Браун.

Саемот е организиран од страна на American Corner – Скопје и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, со поддршка од Општина Карпош.


Skopje ID
[fbcomments]
Translate »