Македонија ќе побара екстрадиција на Груевски


Се подготвува екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија. Вчера, Министерството за правда информираше дека до нив е пристигнато известување од Министерството за внатрешни работи дека Груевски се наоѓа во Унгарија по што е пристапено кон процедурите за подготвување на потребната документација за негова екстрадиција.

За екстрадиција потребни се документи од Судот односно правосилна пресуда, извадок од КЗ за описот на делото и застареноста на кривичното гонење односно за извршувањето и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.

Во Министерството за правда, како што изјавија за МИА, работат на комплетирање на потребната документација за екстрадиција.

Премиерот Зоран Заев очекува Унгарија да постапи по веќе распишаната меѓународна потерница со која бара екстрадиција на Груевски.

– Очекуваме од Унгарија да биде пример дека нема да штити криминалци кои направиле штета врз граѓаните на Република Македонија. Каква би била мотивацијата на нас земјите кандидати ако една земја членка на ЕУ биде засолниште на криминалци и не ја почитува меѓународната пракса, меѓународното право, рече вчера Заев на прес-конференција во Владата, кој ги демантираше шпекулациите за каков било политички договор со Груевски.

Вчера прес-службата на кабинетот на премиерот Виктор Орбан потврди дека унгарските власти го разгледуваат барањето за азил поднесено од поранешниот премиер Никола Груевски.

– Со оглед на тоа дека десетина години беше премиер, поради безбедносни причини унгарските власти дозволија Никола Груевски барањето за азил да го достави и биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта. Канцеларијата ќе спроведе постапка за проценка на барањето за азил во согласно унгарското и меѓународното право, стои во соопштението во кое додаваат дека македонската Влада е партнер на Унгарија и не сакаатм никој можен начин да се мешаат во внатрешните работи на суверените држави и постапката за проценка на барањето на поранешниот премиер на Македонија за азил го сметаат за чисто  правно прашање.

Унгарските опозициски партии, пак, вчера ја повикаа Владата на Унгарија да го уапси и брзо да го екстрадира поранешниот премиер Никола Груевски. Унгарската националистичка партија „Јобик“, како и левичарските партии „Дијалог“ и Демократската коалција, соопштија дека на Груевски треба да му биде одбиено барањето за азил и да биде екстрадиран во Македонија.

Вината за бегството на Груевски, македонските институции си ја префрлаат едни на други. МВР топката ја префрли на судот, а судот на СЈО. Оттаму, пак, вчера отфрлија било каква вина.

– СЈО во целиот изминат период постојано апелираше, сугерираше и поднесуваше барања за притвор за осомничениот Никола Груевски и другите осомничени во предметот „Титаник“. Уште при првото поднесено барање за спроведување на истрага беа предложени мерки за притвор и истите беа одбиени. Кога го поднесовме обвинителниот акт поднесовме барање за определување мерка притвор и тогаш Кривичниот совет го одби таквото барање со наводи дека иако постои опасност од бегство, тоа може да го обезбедат со одземање на патната  исправа и јавување на обвинетите еднаш неделно. Во меѓувреме, Груевски побара јавувањето во Судот еднаш неделно да му биде заменето со јавување еднаш месечно по кое барање ние дадовме мислење дека треба да биде одбиено како неосновано, меѓутоа Советот на Судот го прифати неговото барање. Сите овие услови беа предиспозиција да се случи ова бегство, изјави вчера обвинителката Лиле Стефанова од СЈО.

Груевски избега во Унгарија откако во петокот требаше да се јави на издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство. Во текот на викендот судот се обиде на неколкупати да му ја достави поканата, но не го најде во неговиот дом. Тој завчера на својот официјален Фејсбук профил објави дека се наоѓа во Будимпешта каде побарал политички азил. – Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега и побарав политички азил од унгарските власти, напиша Груевски на „Фејсбук“.

Информацијата за неговото бегство вчера попладне ја потврди и македонското Министерство за внатрешни работи кое објави и меѓународна потерница по него.

По бегството на Груевски, вчера по барање на Специјалното јавно обвинителство им беше одреден 30-дневен притвор на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Во раните утрински часови тие беа спроведени во затворот во Шутка.


Skopje ID
[fbcomments]