Лука Модриќ: Малиот овчар, кој бегаше од военото лудило и сонуваше да заврши на светскиот трон!

Магичната фудбалска приказна на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња од поранешните југословенски простори, Лука Модриќ, заокружена е синоќа со добивањето на суперпрестижната награда за најдобар светски фудбалер за 2018 година во изборот на Светската фудбалска организација (ФИФА).

Резултат со слика за luka modrik

Модриќ ја доби наградата „Бест“ како круна на четирите европски трофеи со Реал Мадрид, финалето на Мундијалот летово со Хрватска, за наградата најдобар играч на СП и за најдобар фудбалер во Европа за минатата сезона. Престижниот пехар за Модриќ е круна и остварување на сонот, за одрекувањето од сè, за трнливиот пат кој го мина како дете кое чува кози и овци, па преку бегањето од виорот на војната, почетоците во Мостар, изградбата во Динамо и почетокот на врвната кариера во Тотнем која го донесе во Реал Мадрид, а каде што стана еден од најдобрите фудбалери за врска во изминатите години.

„Никогаш не се сомневав во себе, без оглед што другите се сомневаа. Имаше секакви приказни, ама јас верував дека можам да дојдам до местото каде што сум сега. Тие работи беа моја дополнителна мотивација. Јас никогаш не се откажав од моите соништа“, рече Модриќ уште пред финалето на СП.

И сите тие зборови синоќа се реализираа. Ниту еден фудбалер од регионот не успеа да ја освои наградата за најдобар фудбалер на светот. Модриќ е прв и сосема залужено ја добива наградата за сите свои магични настапи и во дресот на „кралевите“, и во дресот на „коцкестите“. Зборовите пред СП тотално ја опишуваат неговата кариера, неговиот силен карактер и самодоверба.

А, пред само две ипол децении, Модриќ минуваше по трнливиот пат. Порасна на Велебит, иако е роден во Задар, а како петгодишно дете ги чувал овците и козите на своето семејство. Името го добил по својот дедо Лука, а малиот Модриќ бил снимен на пет години од Павле Баленовиќ, филмски каскадер и поранешен музичар, кој правел документарец за волците од Велебит, во чии кадри се нашол и малиот Лука. Ретко кој верувал и знаел дека токму таму се крие идниот најдобар светски фудбалер.

Откако почнал крвавиот распад на поранешна Југославија, куќата на Модриќ била запалена од српската војска во лудилото кое ја зафати Хрватска, а потоа се прошири и на Босна и Херцеговина. Во виорот на војната, дедото на Модриќ загинал, па семејството се вратило во Задар и таму младиот Лука ги направил првите фудбалски чекори. Додека гранатите го разорувале тој дел од Далмација, Модриќ секој момент го користел да биде со топката.

Талентот го открил Томислав Башиќ, ама затоа што бил слаб по конституција, многумина сметале дека Модриќ нема иднина во фудбалот. Башиќ сепак успеал да го убеди Динамо да го ангажира, а Модриќ на 18 години бил пратен на калење во Зрињски во Мостар. Како тинејџер веднаш бил прогласен за најдобар фудбалер во лигата.

„Модриќ беше предодреден да стане врвен фудбалер, но луѓето лошо го сфаќаа сето тоа, мислејќи дека е физички преслаб“, велеше Башиќ

„Модриќ од секогаш покажуваше креативност и имаше една вродена дарба – секогаш наоѓаше начин како да се наметне во играта. Не му пречеа тешките терени, сè се вртеше околу него“, посочува Стјепан Девериќ, тренерот кој го водеше во Зрињски.

Откако 2003 година ја помина во Мостар, следната 2004 беше во Интер Запрешиќ заедно со Ведран Чорлука, а фактот дека овој тим беше вистински хит и стана вицепрвак,  беше силна препорака Динамо да го врати Модриќ во своите редови.

Но, на почетокот Модриќ не добиваше шанса, се додека не дојде Јосип Куже за тренер во сезоната 2005/06, кога Лука ги одигра сите мечеви, даде осум гола и доминираше во играта.

По три ипол сезони меѓу „модрите“, освои шест трофеи и за 19 милиони евра замина во Тотнем, иако Манчестер сити беше силно загреан за него, како и еден куп други екипи, кои не сакаа да платат прескапо. Но, лондончани добро профитираа. За 19 милиони евра, од Модриќ добија 159 меча, на кои даде 17 гола, беше еден од клучните играчи на Тотнем, за на крај по четири години во касата да донесе двојно повеќе пари од тоа што платија за него. Замина во Реал Мадрид.

Откако во 2012 година дојде во Мадрид, Модриќ експресно стана првотимец и една од најважните алки во последните пет години, во кои „кралевите“ освоија четири европски титули, поставија еден куп рекорди и запишаа историја како прв клуб со хет-трик по полни четири децении во најпрестижното натпреварување (порано КЕШ). Досега Модриќ за Реал има 264 меча, во кои даде 13 гола, а освои 14 трофеи. Освои сѐ што еден фудбалер може да посака.

И за крај со Хрватска, стигна до историско сребро летово на СП во Русија, ја надмина бронзената генерација од 1998, има три Мундијали и три Европски првенства зад себе (од 2006 до 2018), а за овие 12 години има 115 меча, на кои даде 14 гола. И најави дека нема намера да се откаже од „коцкестиот“ дрес.

Модриќ е приказна за остварување на еден сон. За кариера во која упорноста, силата и љубовта однесоа едно момче до фудбалските височини. Приказна за карактерот да не пропадне во сивилото на 90-те, во хаотичните тинејџерски години во државата која допрва се градеше по разорувањето од крвавиот распад на поранешната земја. Приказна за еден успех, за кој треба да се гордее целиот регион, зошто е доказ дека Балканот е непресушен извор на фудбалски таленти.


Skopje ID
[fbcomments]