Иниеста не е добредојден на Стемфорд Бриџ


Одбранбениот играч на Челзи, Цезар Азпиликуета, во разговор со англиските медиуми му порача на неговиот сонародник Андрес Иниеста дека не е добредојден на Стемфорд Бриџ. Двајцата играчи се подготвуваат за дуелот од Лигата на шампионите помеѓу Челзи и Барселона, кој ќе се одигра утре од 20:45 часот.

Шпанскиот играч од средниот ред, Андрес Иниеста, им остана во лошо сеќавање на навивачите на Челзи поради неговиот гол на Стемфорд Бриџ постигнат во полуфиналето од ЛШ, во најконтроверзниот натпревар кој го памети светскиот фудбал.

Иниеста во 2009 година беше стрелец на одлучувачкиот гол во судиското продолжение кој го замолкна Стемфорд Бриџ и ја однесе Барселона во финалето. Но, тој гол дојде по неколкуте контроверзни ситуации во кои судијата Том Хенинг Евербе се направи дека не ги гледа пеналите во шеснаесетникот на Барселона. Ова играчите (а и навивачите) го сфатија многу сериозно и оттогаш Барселона (како и Евербе) се смртни непријатели за „Сините“ од Лондон.

Девет години подоцна, Челзи и Барселона повторно се сретнуваат на Стемфорд Бриџ, но овојпат во поинакви околности, а Цезар Азпиликуета имаше неколку коментари пред мечот упатени кон неговиот соиграч од репрезентацијата на Шпанија, Андрес Иниеста.

„Иниеста не е добредојден на Стемфорд Бриџ. Погодокот кој тој го постигна во 2009 ја промени историјата и верувам дека навивачите на Челзи имаат горки сеќавања од оваа вечер. Андрес (Иниеста) важи како ноќна мора на овој клуб и утре нема да биде пречекан со аплауз како што е тоа случај на стадионите низ Шпанија“, рече Азпиликуета.



Skopje ID
[fbcomments]