Икарди ќе потпише нов договор кога Интер ќе му исполни два бизарни услови

Сапуницата околу продолжувањето на договорот на аргентинската ѕвезда Мауро Икарди со Интер продолжува и деновиве е топ тема на Апенините, па „Газета дело Спорт“ откри детали од последните преговори на двете страни според кои само два бизарни услови го делат голгетерот да остане верен на „нераѕурите“ до 2024 година.

Интересно, Икарди и Интер ги договорија сите нормални услови. Плата од седум милиони евра. Но, проблемот излезе на површина во минатата недела кога Икарди одбил да патува за Виена, гневен дека му била одземена капитенската лента. Причините за одземањето се нејасни, но медиумите шпекулираат дека тоа е поради неговото кокетирање со Јувентус, лошиот однос со дел од соиграчите во соблекувалната, но и најмногу поради јавните настапи на неговата сопруга Ванда Нара во медиумите.

И сега, за Интер да го задржи Икарди потребно е да му ја врати капитенската лента, но и да му се извини за случајот од минатата недела.

„Ако тоа не го направите, Икарди повеќе нема да заигра за Интер“, била заканата која Ванда Нара ја упатила кон челниците на Интер, објави најугледниот спортски весник во Италија.

Сега на потег се „нераѕурите“ да одговорат на барањето, кога веќе сите детали од договорот биле финализирани и се очекувал само официјалниот потпис.


Skopje ID
[fbcomments]
Translate »