Доаѓа новиот Audi A6 Avant

Audi е добро познат по своите складно обликувани караван модели со спортски дизајни, а новиот A6 Avant е само продолжение на оваа традиција.

Static photo Colour: sepang blue

Иако фокусот на овој тип на возила е секогаш на нивната практичност, дизајнерите на Audi успеале да го поврзат убавото и функционалното, така што А6 Avant нема класична караванска силуета. Благодарение на значајно заоблените задни столбови, автомобилот има подинамичен и поелегантен изглед, а коефициентот на отпор на воздух е 0,27.

Предниот дел на возилото, со новите LED светла и големата решетка, е ископиран од седан верзијата. Поскапите верзии на Audi A6 Avant доаѓаат со HD Matrix LED фарови кои имаат специфични дневни LED диоди.

Внатрешноста е практично иста како кај седан верзијата на A6. Во најскапите верзии има дури 3 големи дигитални дисплеи. Првиот, 12,3-инчен, служи како инструмент табла, додека другите два (10,1 и 8,6 инчи) се наоѓаат еден под друг на централната конзола. Поголемиот е дел од мултимедијалниот систем, а помалиот ја опслучува климата и некои други функции во автомобилот.

Седиштата се комплетно нови, со опции за греење, ладење и масажа.

Листата со дополнителни опции е навистина долга и вклучува, меѓу другото, голем панорамски сончев кров, премиум аудио систем Bang & Olufsen со 19 звучници и систем за подобрување на квалитетот на воздухот во салонот, вклучително јонизатор и освежувач на воздухот кој преку вентилацијата влегува во салонот.

Багажниот простор има капацитет од 565 литри, кој со соборување на задните седишта се зголемува до максимални 1.680 литри, а задната клупа е поделена во однос на 40:20:40.

Спецификации за погонските единици сеуште нема, но се знае дека караванот моторната гама и преносот ги споделува со лимузинската верзија.

Купувачите во Европа, најверојатно, во почетокот ќе можат да избираат помеѓу два мотори – бензински со турбо полнач 3.0 TFSI V6 со 340 КС (250 kW) и 500 Nm и дизел 3.0 TDI V6 кој испорачува 286 КС (210 kW) и 620 Nm. Двата погонски агрегата работат во комбинација со алтернатор-стартер придвижувани со ремен (BAS), кој претставува основа на 48-волтен електричен систем, познат како „благ хибрид“. Оваа технологија овозможува автомобилот да патува со исклучен бензински или дизел мотор, а вклучува и пропроширена старт / стоп функција и функција за обновување на енергијата.

Меѓу опциите што ќе им бидат достапни на корисниците со новиот Audi A6 Avant е системот за погон на сите тркала. Ова, меѓу другото, ќе го подобри маневрирањето на возилото на мал простор, а од Audi тврдат дека на овој начин кругот на вртење на автомобилот е намален за 1 m.

Клиентите имаат и неколку опции за суспензијата – од базна со челични извори до најскапата со воздушно потпирање. Опционално е достапна и спортска суспензија.

Како и другите врвни модели на Audi, новиот A6 Avant е опремен со електронски системи за помош кои овозможуваат полуавтономно возење. Тука е и системот за помош при паркирање, кој практично сам го паркира и извлекува возилото од гаражата.

 


Skopje ID
[fbcomments]