„Денови на европско Скопје” од 4 до 7 ноември


„Денови на европско Скопје 2018″ ќе се одржува од 4 до 7 ноември со цел на поинаков, модерен и привлечен начин  да се одбележи Денот на ослободувањето на главниот град 13 Ноември.

erasmus-experience-skopje-macedonia-greet-fc92b3bb934834b4df31453c40c8b61d

Настанот ќе почне в недела во Музејот на Град Скопје со одбележување 25 години од мултимедијалниот проект „Траги” на фотографот Љупчо Илиевски, посветен на исчезнатиот раскошен лустер кој некогаш висел во Офицерскиот дом во Скопје.

Проектот опфаќа три содржини – уметничка и документарна фотографска изложба „Траги”, репринт на каталогот „Око, раска и видело” на Гоце Ристовски, Тања Битољану-Плавшиќ во издание на ДКУС, и проекција на документарниот ТВ-филм „Игра на стаклените монистра” од 1993 година во продукција на МРТ.  Авторот Илиевски на прес-конференција денеска рече дека се работи за возобновување на неговиот проект кој овојпат ќе вклучи и фотографии кои не биле прикажани пред 25 години.

skpopje

-Изложбата ќе биде составена од 27 фотографии – две документарни и 25 авторски. Преку овој лустер доловив стотина години за предмет што веќе стана и личност. Со својата монументалност – тежок 1.050 килограми, со 176 места за светилки, изработен од чешко стакло и со многу македонски елементи, едноставно плени и не може човек да не се даде себеси и да се обиде да ги открие сите негови траги и лузни. Елементарните непогоди, како поплавата и земјотеесот во ’62 и ’63 година, не му можеа ништо, меѓутоа човечката глупост и негрижа можат сѐ и сешто и овој лустер веќе не постои. Можеби ова е убава пригода да се направи напор да се најде тој лустер затоа што, некако, во неговата генетика е да се губи и да се појавува, рече Илиевски.

„Денови европско Скопје 2018″ на 5 ноември ќе продолжат со изложба „Архитектите за европско Скопје” во фоајето на Македонската опера и балет, организирана во соработка Архитектонскиот факултет. Учесници се студенти и магистранди кои ќе ги претстават нивните визии за европско, современо Скопје. Куратор на изложбата е проф. д-р Анета Христова-Поповска.  Наредниот ден во ЕУ Инфоцентарот, пак, ќе биде отворена изложба „Младите за европско Скопје”  со фотографии изработени од ученици од средните скопски училишта, за кои беше организирана и работилница.  На отворањето на изложбата ќе бидат избрани и наградени најдобрите три фотографии.

Манифестацијата ќе заврши на 7 ноември со концертна акустична вечер со Влатко Стефановски насловена „Музички кулиси”, на малата сцена на Македонската опера и балет.

Од ДКУС соопштија дека и идниот месец ќе продолжи конкурсот за новинарски есеј на тема „Визија за европско Скопје” на кој може да учествуваат новинари од сите медиуми во Македонија. Трудовите треба да се праќаат на skleto@unet.com.mk. Ќе бидат доделени три награди од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Писателот Томислав Османли повика да се пријават што повеќе трудови особено затоа што, рече, есејот е заборавен жанр во време кога доминира  пишувањето политички колумни.


Skopje ID
[fbcomments]