Груевски го „притвори“ и братучедот Мијалков


Вадењето на предметот „Таргет-тврдина“ од застој, новите истраги, изменетите околности по бегството на Груевски и сознанијата за слични планови, го преселија бившиот шеф на УБК од хотелот „Мериот“ во притвор.

18271391_303

Обична ќелија во приземјето на затворот во Шуто Оризари која ја дели со други притворени лица, од синоќа е новата адреса на Сашо Мијалков, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Разликата е евидентна, ако се има предвид дека таму стигна директно од апартман во скопскиот хотел „Мериот“, кој од неодамна во личните документи на Мијалков е пријавен како адреса на негово живеалиште. На хотелската адреса му стигнуваа известувања за судските рочишта и целата друга коресподенција. Мотивите за избор на хотелот како адреса на живеалиште, беа предвидливи. Каква било акција за приведување на осомничениот и обвинет Мијалков од неговиот „хотелски дом“, би предизвикало непријатности со оглед на големата бројка хотелски соби кои надлежните би морале да ги претресат за да го пронајдат, што би го нарушило комодитетот и мирот на хотелските гости. Сепак, ваквaта „превентива“ не помогнала многу. Полицијата синоќа брзо го пронашла, откако по барање на СЈО судот му одредил 30-дневен притвор, со налог за негово спроведување во казнената установа.

Веста за притворот на некогашниот прв човек на тајната полиција и најмоќната фигура во владејачкиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, ја стави во втор план веста дека неговиот братучед Никола Груевски доби азил во Унгарија. Но, ги разби и бројните шпекулации дека братучедите се дел од „првиот пакет“ на таен политички договор за неформална амнестија.

Изменети околности

Што го однесе Мијалков во притвор? Неофицијално, во игра се најмалку три фактори. Прво, фокусирањето на Обвинителството кон предметот „Таргет-тврдина“ кој подолг период беше во застој, што беше на удар на јавната критика ако се има предвид дека тоа е и капиталниот предмет заради кој всушност и беше формирано СЈО: гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, но пред се, откривање на сторителите и центарот на тоа незаконско прислушкување.

Истрагата за  „Тврдина“ беше отворена во март 2016 година, а за „Таргет“ во ноември 2016 година, но поради нивната поврзаност се споени во еден предмет, по што обвинението беше подигнато во јуни 2017 година. Покрај Мијалков, во овој предмет се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои избегаа и побараа политички азил во Грција.

Тамошниот Врховен суд донесе одлука тие да не бидат екстрадирани во Македонија, повикувајќи се на аболицијата на претседателот Иванов. Обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, и уште неколку други лица од УБК. СЈО во обвинението за „Таргет-тврдина“ презентираше докази дека осомничените наредиле и овозможиле незаконско следење на комуникациите на повеќе од 20.000 граѓани (политичари, новинари, јавни личности, амбасадори…) и дека ја уништиле опремата преку која го извршиле кривичното дело. Според доказите на СЈО, во февруари 2015 година, веднаш по објавувањето на опозициските „бомби“, започнале и обидите да се сокрие фактот дека незаконското следење на комуникациите се одвивало во просториите на УБК. Прво била издадена наредба да се уништат два система, од кои едниот сè уште бил во употреба. Уништувањето на системите било изведено во две фази. Во првата фаза, системите биле демонтирани и ставени во преси, во фирма која стопанисува со отпад за старо железо. Во втората фаза уништените системи биле ставени во дробилка за да не остане никаква трага од нив, а постапката била документирана со фотографии и видеоснимки. Потоа биле отстранувани и податоците од три сервери, кои биле во сопственост на трите мобилни оператори, и уништена документација која се однесувала на сите претходни процеси.

Превентива од бегство

Мијалков не е обвинет само во Таргет-тврдина“. Како обвинет досега редовно се појавуваше и на рочиштата за „Тортура“ (апсењето на Љубе Бошкоски) и „Титаник“, а осомничен е и во новата истрага на СЈО под кодно име „Империја“. Минатата недела на четворица од 13-те осомничени во „Империја“ им беше одреден 30-дневен притвор, но Мијалков не беше меѓу нив, иако фигурираше како второосомничен. Олеснителната околност – дека редовно се јавува на судските рочишта, го изгуби значењето по бегствотото на неговиот братучед Груевски во Будимпешта, кој претходно исто така беше редовен на рочиштата. Неофицијално, изменетите околности по бегството на Груевски, односно сознанијата дека и други обвинети биле дел од слични планови за бегство од државата, според СЈО, ги прави недоволни претходните мерки на претпазливост за обезбедување на присуство на обвинетите само преку одземени пасоши и јавување во судот. Изменетите околности се засилени и со аспекти на истрагата за „Империја“, во која според СЈО се испрани најмалку 10,5 милиони евра во мрежа на луѓе и фирми, за кои истрагата и натаму ќе се проширува. Стравувањето за влијание врз сведоци и уништување докази, е еден од факторите кој бил земен предвид во однос на оваа истрага. Најверојатно притвор за оваа истрага СЈО ќе побара по истекот на сега определениот, и поради опасност од бегство, но и поради фактот што Мијалков поседувал сметки и имоти во странство, а членови на неговото семејство и удели во повеќе компании.


Skopje ID
[fbcomments]