Градоначалникот Шилегов на саем за безбедност

Безбедноста на граѓаните на Скопје останува на листата на врвни приоритети на Град Скопје и во таа насока Градот е отворен за соработка и поддршка од секаков тип и на сите институции во чија надлежност е обезбедувањето и зголемувањето на безбедноста на граѓаните.

Саемот за безбедност и превенција, кој годинава првпат се одржува во ТЦ „Сити Мол“ под мотото „Живеј безбедно“ ќе им овозможи едукација на граѓаните за превенција, односно за спречување кражби во куќите и во становите за време на летниот период.

  • Се радувам што саемот одново ја отвора темата за зголемување на безбедноста на живеењето на граѓаните која е од исклучителна важност за жителите на Скопје и за создавањето на услови за нормално функционирање на нашиот град. Во таа насока сакам да упатам искрена благодарност до СВР Скопје кои на висина на задачата со организацијата на овој саем делуваат превентивно преку едукација на зголемувањето на свеста на граѓаните за сите неопходни мерки кои им стојат на располагање да ја зголемат својата лична безбедност, како и безбедноста на објектите во кои живеат и работат – рече градоначалникот Шилегов, на отворањето на саемот.

Саемот за безбедност на нашите сограѓани во текот на следниве 3 дена ќе им овозможи на едно место детално да се информираат за програмата на СВР Скопје и услугите кои институциите и компаниите ги нудат за помош и самозаштита покрај редовното полициско работење, како и за превентивните активности кои полицијата ги презема во соработка со заедницата. На тој начин директно се влијае и на намалувањето на кривичните дела поврзани со кражби, разбојништва и слично, а со тоа и на намалувањето на материјалните штети предизвикани од овој вид на криминалитет.

  • Досега со СВР Скопје во делот на едукацијата и превенцијата имаме одлична соработка во рамките на повеќе проекти од кои како најсоодветен пример ќе го земам проектот „За безбеден град“. Овој проект опфаќа повеќе теми, меѓу кои зголемување на јавната безбедност, спречување на насилството во јавниот превоз и автобуските станици, како и спречување на насилство за време на спортските натпревари. Со овој проект во текот на минатата година беа реализирани 138 активности во 15 средни училишта – изјави Шилегов.

Исто така, во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот, Градот Скопје и МВР го реализираа и проектот „Училишни сообраќајни единици“ чија основна цел е подигање на јавната свест за  одговорноста на сите учесници во сообраќајот. Во рамки на овој проект беа формирани мешани единици, составени од ученици од средните училишта и претставници на сообраќајната полиција, кои ги едуцираа учесниците во сообраќајот за сообраќајните правила.

Шилегов апелираше на поголема вклученост на граѓаните во проектите од ваков тип, особено во делот на едукацијата и превенцијата бидејќи со заеднички сили можеме да постигнеме многу за поголема безбедност во нашето Скопје.

Првиот Саем за безбедност и превенција е организиран под мотото „Живеј безбедно“ од страна на МВР, Одделението за превенција на СВР Скопје во соработка со Комората на РСМ за приватно обезбедување и Скопје Сити Мол.


Skopje ID
[fbcomments]
Translate »