Викендов митинзи во Скопје: Кои улици ќе бидат блокирани

Со блокирани улици ќе се соочат возачите на главниот град денеска и утре поради закажаните активности на политичките партии за претседателските избори. Викендов митинзите на опозицијата и власта се во главниот град.

Денеска караванот на Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи навечер митинг пред Владата, додека владината коалиција предводена од СДСМ и Стево Пендаровски в недела ќе организира марш кој ќе заврши со главен собир пред седиштето на ЕУ-канцеларијата.

Поради митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата од вчера од 19 часот до денеска до полноќ ќе биде затворен дел од булеварот „Илинден“ на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“, информира Министерството за внатрешни работи.

Во недела поради маршот организиран од СДСМ закажан за 12:30 часот ќе бидат затворени улиците „Свети Климент Охридски“, булеварот „Партизански одреди“, „Васил Главинов“, „Димитрие Чуповски“, „11-ти Октомври“ и булеварот„Кочо Рацин“. Маршот ќе продолжи по булеварот „Крсте Петков Мисирков“, булеварот „Кочо Рацин“, улицата „11-ти Октомври“,по булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ и улиците „Беласица“ и „Свети Кирил и Методиј“ до седиштето на ЕУ, каде што во 14 часот ќе се одржи митинг.


Skopje ID
[fbcomments]
Translate »