Вечер на Горан Пандев- Втора Стотка

Ова е четиво за денес, за првиот пролетен ден на 2019 година, за овој четврток 21 март. Вечер за исполнување на еден фудбалски сон, јубилеен стоти натпревар во дресот на боите и грбот на саканата татковина. Во историјата на оваа држава која на своето име честопати допишувала додавки, ваква фудбалска ноќ и се случува по вторпат!

Ако некогаш барем за миг сте почуствувале дека Ви затреперило фудбалското срце, вечерва задолжително треба да исполните едно од 34.000 седала на Националната арена во Скопје, нашата државна фудбалска репрезентација предводена од капитенот Горан Пандев ги започнува квалификациите за ЕП 2020 со екипата на Летонија. Нашата репрезентативна фудбалска „десетка“ по 100-ти пат ќе ја слуша државната химна. Горан Пандев, по Гоце Седловски, ќе биде вториот македонски фудбалер со трицифрен број репрезентативни настапи.

ВО СОСТАВОТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА НА ИНТЕР

Некаде деновиве прочитав, дека папата Франциско на 7 мај 2019 година ќе ја пее својата молитва пред 40-50.000 верници на „Националната арена“ во Скопје, а нашата фудбалска икона Горан Пандев заслужува најмалку толку фудбалски вљубеници! Еве зошто:

Во квечерината на овој јубилеј на нашиот Горан Пандев, македонскиот Италијанец (од неодамна по 18 години поминати на „азурните“ терени го доби италијанското државјанство), верувале или не, во престижниот „Goal.com“ е во составот на Интер на сите времиња! Критериумот да потекнувате од младинскиот погон на Интер направи вистинска селекција, па на крајот тоа е состав за „високи дострели“: Зенга, Бергоми, Фери, Бонучи, Факети, Корсо, Ориали, Мацола, Пандев, Делвекио, Балотели!

Во богатата историја на „калчо лигашите“, нашиот Горан Пандев е „само“ шестиот странски фудбалер со одиграни повеќе од 400 прволигашки средби. Италијанските колеги го допишаа неговото име крај оние на Занети, Хамшиќ, Хандановиќ, Алтафини и Хамрин! Од 2001 година преку Интер, Анкона, Специја, Лацио, Наполи и Џенова, Горан Пандев влезе на големата фудбалска сцена. Врвот на својот раскошен талент и неспорен фудбалски квалитет го потврди во триумфалната Интерова 2010 година. Горан Пандев ја имаше целосната доверба на тренерот Жозе Мурињо во освојувањето на трите клупски шампионски титули, во Италија, Европа и Светот!

По 6 јуни 2001 година кога во Бурса го за првпат го облече репрезентативниот дрес (Турција-Македонија 3:3) беше  прашање на ден кога ќе „пристигне“ оваа јубилејна ноќ! Можеше и многу порано, ако не беше онаа негова одлука за извесен период да ги одложи репрезентативните обврски, на наша среќа се премисли и еве, сите заедно со него очекуваме остварување на заедничкиот сон – играње на завршните натпревари на Европското првенство!

ЛЕК ЗА СИТЕ БОЛЕСТИ

Вечерва сите патишта треба да водат кон Градскиот парк во Скопје. Време е да заборавиме и на Гордана, Стево, Река, на Зоки, Мицко и Катица. Горан Пандев вечерва е лек за сите болести!

Дарко Панчев заслужено го прогласивме за фудбалер на 20 век, по првите две децении на новиот век, оставаме аманет, односно ја истакнуваме кандидатурата на Горан Пандев за фудбалер на 21 век на Македонија, со или без додавка, сеедно!

Вечерва на трибините, за жал, ќе го нема човекот што во раните фудбалски години го препозна раскошниот талент на младиот струмичанец Горан Пандев. Беше вистинско изненадување кога пред 18 години тогашниот претседател на ФК Беласица Ванчо Таковски ги поведе во туѓина младите Ацо Стојков и Горан Пандев на фудбалска печалба. Не згреши, во шега знаеше да рече, наместо пиперки, домати и краставици, на Италијанците им продадов фудбалери! И ќе додадеше, од овој што сега помалку дава голови (Пандев), утре многу повеќе ќе заработите!

Вакви фудбалски празници ретко ни се случуваат – причина повеќе вечерва по 20.45 часот да се биде на Националната арена со Горан Пандев и неговите другари.


Skopje ID
[fbcomments]
Translate »