Албумот на Панини за СП Русија 2018 – интересно и изгор скапо хоби


Дваесет и првото Светско првенство во фудбал ќе се одржи од 14. јуни до 15. јули годинава во Русија. Со години омилено хоби на фановите, како загревање пред почетокот на Мундијалот, е собирањето на албумот со самолепливи сликички на Панини.

album-panini-640x336

Албумот на Панини за Светското првенство во фудбал во Русија 2018 година ги содржи сликите на играчите од 32 национални репрезентации, специјални слики со нивните амблеми, групна слика, како и слики од стадиони, односно содржи вкупно 682 сликички.

За целосно да се пополни албумот потребни се 137 пакетчиња со сликички. На македонскиот пазар албумот содржи 670 сликички. Албумот на 80 страници со гратис шест сликички во Македонија се продава по цена од 80 денари, додека едно пакетче со пет сликички чини 40 денари. Под услов да не добиете ниту еден дупликат, тоа значи дека е потребно да потрошите 5.400 денари.

Традиционалните колекционери на албумот, знаат дека веројатноста да се соберат сите сликичките без ниту еден дупликат е многу тешко остварливо. За целосно пополнет албум неопходно е трпение и добри техники за размена со останатите играчи.

Македонските колекционери треба да соберат десетина сликички помалку

Албумот има многу фанови во Македонија, кои се договараат на социјалните мрежи за размена на сликички или пак на традициоанлното колективно собирање на фонтана во Градски парк во Скопје.

Годинава Панини на љубителите им нуди можност албумот да го собераат и онлајн, каде добиваат бесплатно две пакетчиња на ден и имаат можност да се натпреваруваат за награди.

Интересно е што македонските фанови на интернет ќе го пополнуваат стандардниот албум со 682 сликички, додека албумот за македонскиот пазар има 670 сликички. Фановите реагираат дека имаат проблем поради неусогласноста на апликацијата со албумот на нашиот пазар и дека при скенирање на сликичките, ги препознава под друг број.

По реакциите на фановите за колекционерската вредност на македонксото издание на албумот, побаравме објаснување од „Дипрес“, официјалниот увозник и дистрибутер на албумот за нашиот пазар. Од „Дипрес“, велат дека тоа е политика на Панини и не знаат зошто има разлика во бројот на сликички, но најверојатно тоа зависи од пазарот. Во однос на електронската апликација, од „Дипрес“ посочуваат дека тие немаат ништо со тоа и за неа одговорен е издавачот Панини.

За пополнување на албумот потребни се околу 12.520 денари

Професорот по математика од Кардиф Пол Харпер, како што пренесува британски „Телеграф“, пресметува дека за пополнување на годинешниот албум со сликички во просек еден играч би требало да купи 967 пакетчиња со 4.832 сликички.

Во Велика Британија едно пакетче со самолепливи сликички за албумот на Панини за Светското првенство во фудбал во Русија 2018 година чини 80 пени, што е значитечно зголемување од цената по 50 пени за пакетче за албумот за европското првенство во 2016 година. Според формулата на професорот Харпер, еден играч во Велика Британија собирањето на албумот ќе го чини 773 фунти (54.110 денари), а доколку се менува со десет пријатели ќе го намали трошокот на околу 250 фунти (17.500 денари).

Според формулата на професорот Харпер, просечен играч во Македонија за сам да го пополни албумот би требало да потроши околу 38.680 денари, а доколку се менува со десет други играчи, тоа ќе го чини околу 12.520 денари.

Издавачот „Панини“, како што пренесува британски Телеграф, смета дека тврдењето не е точно, бидејќи луѓето не живеат во меур и можат меѓусебно да се менуваат, како и дека можат последните 50 сликички да ги нарачаат директно преку интернет од Панини по цена од 22 пени за сликичка.

Играчите од Македонија може да нарачаат најмалку пет, а најмногу 40 различни сликички по цена од 20 денари за сликичка, плус поштенски трошоци од 100 денари.

Цената на сликичките во регионот се движи од 0.62 до 0.82 евра

Panini-FIFA-World-Cup-Russia-2018-Sticker-Album-Boxes-and-Packs-1024x683

Првиот албум со сликички од Панини за Светското првенство во 1970 година во Мексико содржи 288 сликички и картички. Колку за споредба албумот за Светското 2014 имаше 640 сликички на 72 страници, што е за 42 повеќе од годинешниот.

Критики за цената на сликичките има на глобално ниво. Цените за едно пакетче со пет сликички се движат од 0,62 евра во Босна и Херцеговина, 0,66 евра во Хрватска, 0,68 евра во Србија, Словенија 0,70 евра, Бугарија 0,82 евра, до 90 центи во Германија и Италија.

Во Босна и Херцеговина пакетче чини 0,62 евра. Според формулата на професорот Харпер, просечен играч во БиХ за сам да го пополни албумот би требало да потроши околу 600 евра (36,871 денар), а доколку се менува со десет други играчи, тоа ќе го чини околу 194 евра (11,931 денар).

Албумот со сликички за СП Русија 2018 во Србија, се продава по цена од 80 српски динари (0,68 евра) за пакетче. Според формулата на професорот Харпер, просечен играч во Србија за сам да го пополни албумот би требало да потроши околу 657 евра (околу 40.287 днеари), а доколку се менува со десет други играчи, тоа ќе го чини околу 213 евра (13.040 денари).

Во Германија и Италија пакетче се продава по цена од 90 центи. Според формулата на професорот Харпер, просечен играч за сам да го пополни албумот би требало да потроши околу 870 евра (53,500 денари), а доколку се менува со десет други играчи, тоа ќе го чини околу 281 евро (17,281 денар).

panini2018rip


Skopje ID
[fbcomments]